Дали попрво би купиле куќа или би патувале низ светот? Како милениумската генерација се справува со долговите?

Тие се безгрижни, го живеат моментот и трошат повеќе на искуства, наместо да штедат за иднината: Дали овој опис за родените во новиот милениум е точен? Податоците од наплатувачите на долгови и од други извори кажуваат: Комплицирано е.

Image of a student sitting under a tree with their laptop, books and a coffee cup.
Лаптоп, кафе и минимален багаж: Милениумската генерација минува низ животот различно од генерацијата на нивните родители.

„Кога се обидував да го купам мојот прв дом, не купував авокадо за 19 долари и четири кафиња по 4 долари“. Оваа забелешка од австралискиот претприемач за недвижен имот, Тим Гурнер, ја одразува сликата што многумина ја имаат за милениумската генерација: дваесет до триесет и нешто години со либерален став кон животот, работата, имотот и трошоците. Но, дали ова се одразува на нивните навики за зајмување и трошење?

Според Бирото за советување на граѓани на Обединетото Кралство, младинскиот долг е сé поголем проблем во Обединетото Кралство. Помеѓу 2010 и 2012 година, младите на возраст од 15 до 24 години имаа највисок просечен однос на необезбеден долг во споредба со приход од која било возрасна група. Дополнително кај оваа група се забележа раст од 200% во нивните долгови помеѓу 2006 и 2012 година. Ова зголемување е повеќе од десет пати повисоко отколку кај пошироката популација.

Меѓутоа, кога станува збор за враќање на парите што ги должат, мислењата се разликуваат: 38% од членовите на Германското здружение на агенции за наплата на побарувањата (BDIU) велат дека младите се полоши плаќачи отколку постарите. 62% пак велат дека младите клиенти се подеднакво сигурни или посигурни со нивните исплати, па затоа наплатата на побарувањата не е проблем.

На што милениумската генерација сака да ги троши своите пари?

Кои се работите на кои „генерацијата тост со авокадо“ троши пари и заради кои земаат лични кредити? Ако клишеата се вистинити, тогаш треба да видиме разлика во споредба со општата популација. Според истражувањето на ЕОЅ од 2017 година, во земји како Германија, Русија и САД  двојно е поголема подготвеноста на општата популација да се земе кредит или позајмица, како на пример преку договор за купување на кредит, за да се плати за автомобил или мотор во споредба со долг за нивното образование.

За причините за долговите на младите, 81% од членовите на BDIU ги обвинуваат премногу високите трошоци за стоки за широка потрошувачка. Тие велат дека младите се во неволја со онлајн продавниците, телекомуникациските провајдери и студијата за фитнес, додека возрасните помеѓу 25 и 59 години имаат проблеми со отплата на банките или градежните друштва, енергетските компании и телекомуникациските провајдери.

Веќе гледаме дека се појавува шема: помладата генерација зема повеќе долгови, но не толку многу за купување куќа, туку повеќе за трошење на краткорочни потреби. Ова претпочитање на трошење на искуства се потврдува и во други истражувања.

Искуствата се поважни од сопственоста

Според истражувањето на Ipsos за компанијата Eventbrite, онлајн компанија за издавање на билети, три четвртини од милениумските испитаници претпочитаат искуства - патување низ светот, гледање на некое шоу, минување време со пријателите - во споредба со сопственоста. Германскиот институт за истражување на пазарот GfK го поддржува ова истражување: од 2007 до 2017 година, „уживањето во животот“ се пресели од десеттото на третото место во приоритетите на милениумската генерација. Сепак, истражувањето од 2015 година меѓу милениумската генерација во Германија даде изненадувачки резултати. Кариерата заврши на шестото место, патувањето падна на петтото, а финансиската независност беше на второто место во приоритетите.

Се разбира, милениумската генерација сака да биде без долгови исто како и сите други. Од извештајот на Банката на Америка знаеме дека 35% од нив се под стрес поради тоа што не заштедуваат доволно. Можеби тие едноставно не се во состојба да постигнат финансиска сигурност толку лесно: Рапидното зголемување на цените за домување на многу места значи дека искачувањето на скалата за домување е многу потешко за младите луѓе. За другите, високата цена на основните предмети, како што се паметните телефони, без кои тешко се живее во современото општество, предизвикуваат проблеми.

Понекогаш сѐ се сведува само на купување храна и плаќање кирија

Дури и во Германија, каде студентските надоместоци практично не постојат, многу млади земаат кредити за покривање на животните трошоци. Извештаите на германските медиуми раскажуваат приказни за студенти кои земаат долг без да бараат соодветни совети или се ограничени во нивната способност да ги земат во предвид добрите и лошите страни на финансиските опции. Подоцна, оптоварени со трошоци за отплата, лошите одлуки во млади години може да имаат долгорочни последици за овие должници и да ги одложат важните животни одлуки: Тешко е да се купи имот или да се заснова семејство, кога сѐ уште треба да се опоравувате од долг.

Затоа финансиската писменост за концептите како што се кредити и каматни стапки, купување на закуп со депозити и месечни исплати, отплата на долгови и буџети е многу важна. Глобалниот центар за извонредност во финансиската писменост (GFLEC) вели дека истото се однесува и на милениумската генерација, заклучувајќи: „На милениумската генерација и недостасуваат основните вештини потребни за да направат вешти финансиски одлуки“. Нивните кредитори се согласуваат: 52% од членовите на BDIU го препишуваат младинскиот долг на финансиската неписменост, со зајмување од погрешни лица, во погрешно време, под погрешни услови.

Да се живее денот или да се размислува за утре?

Јасно е дека тука има работа што треба да се сработи. Еден оптимист може да каже дека за добро образованата милениумска генерација со многу години пред нив, никогаш не е доцна да започнат со учење и структурирање на нивните финансии и со следење и управување со нивните трошоци. На тој начин можат да ги имаат и двете: и тостот со авокадо и домот за да уживаат во него.

Сподели го ова

Печати