Пребарување

Забрзана дигитална трансформација и револуција на ВИ

Скопје, 06.03.2025 – 

Компанијата ЕОС Матрикс Македонија, во партнерство со организацијата Women on Boards Adria (WOBA), успешно го одржа годинешното издание на конференцијата Finance Talks, посветено на забрзаната дигитална трансформација и револуцијата на вештачката интелигенција (ВИ). Настанот собра водечки експерти од областа, претставници од финансискиот и технолошкиот сектор, како и претставници на институциите, за да дискутираат за предизвиците и можностите што ги носат дигиталната еволуција и вештачката интелигенција.

Главна говорничка на конференцијата беше Алина Тимофеева, врвен технолошки советник, ТВ и радио водител и експерт во областа за податоци, вештачка интелигенција и сајбер-криминал член на одбор TEDx и главен говорник, додека специјален гостин беше министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
 Тимофеева исто така учествуваше во интерактивно интервју на сцената со министерот за дигитална трансформација на Северна Македонија, г. Стефан Андоновски.


Настанот го отворија д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс за Македонија и Косово, и Билјана Braithwaite, ко-основач и извршна директорка на Sustineri Partners, како и претседателка на Women on Boards Adria.

Во рамки на конференцијата беа одржани две панел-дискусии. На првиот панел, беше воден од Директор за Македонија на CIDR програмата, во кој истакнати претставници од академската заедница, банкарскиот сектор и глобалните технолошки компании – д-р Владимир Атанасовски (ФЕИТ), Нина Ангеловска (E-commerce асоцијација), Катерина Јанковиќ (НЛБ Банка) и Татјана Бошевска (HSO Global Services) – дискутираа за потребата и придобивките од забрзаната дигитална трансформација на економијата и општеството. На вториот панел, насловен „Лидерство во технолошката средина“,беше воден од Тања Михајловска Димитриевска
Генерален амбасадор на WOBA, со панелистите – д-р Катерина Бошевска (ЕОС Матрикс и ЕБА), Нина Недановска (Шпаркасе Банка), Билјана Мршиќ (Iute Македонија) и д-р Орце Симов (ССК) – ги споделија своите искуства и визии за лидерството во ерата на вештачката интелигенција.


„Дигиталната трансформација не е веќе прашање на избор, туку неопходност за компаниите кои сакаат да останат конкурентни. Користењето на вештачка интелигенција во финансискиот сектор овозможува побрзо носење на одлуки, подобрување на корисничкото искуство и зголемување на ефикасноста. Нашата визија во ЕОС Матрикс Македонија е да ги искористиме технолошките иновации за создавање на одржливи финансиски решенија кои ќе им помогнат на компаниите и граѓаните да ја подобрат својата финансиска стабилност“, истакна д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс за Македонија и Косово.

Таа нагласи дека лидерите треба да бидат свесни дека вистинската дигитална трансформација не е возможна без длабоко разбирање на процесите кои сакаат да ги дигитализираат. Осврнувајќи се на улогата на жените во лидерството, додаде: „Жените лидери секако имаат предност кога станува збор за дигиталната трансформација, бидејќи нивната емпатија и способност за препознавање на вистинските промени можат да бидат клучен фактор во успешната имплементација на новите технологии.“

Конференцијата заврши со инспиративно интервју на сцена помеѓу Алина Тимофеева и министерот за дигитална трансформација на Северна Македонија, г. Стефан Андоновски, при што беа дискутирани идните стратегии за дигитална трансформација во Македонија и регионот.

Нивната дискусија се однесуваше на клучните стратегии за напредување на технолошкиот развој на државата. Министерот Андоновски ја истакна важноста од обезбедувањо еднакви можности во дигиталната економија, изјавувајќи: "Дигиталната иновација треба да биде инклузивна и разноврсна, обезбедувајќи дека граѓаните, без оглед на пол, имаат еднаков пристап до можностите во дигиталната економија. Клучно е партнерството со индустриски лидери, политичари и технолошки експерти за да се поттикне иновацијата и создаде попаметна и поинклузивна дигитална иднина." 

Тој дополнително ја истакна трансформативната моќ на вештачката интелигенција, додавајќи: "Вештачката интелигенција носи попродуктивни, транспарентни и услужни услуги за граѓаните. Во Северна Македонија, активно работиме на дигитализација на јавните услуги за намалување на бирократијата, подобрување на пристапноста и обезбедување на глатка интеракција помеѓу граѓаните и администрацијата."

ЕОС Матрикс Македонија е членка на Групацијата ЕОС, која делува на пазарите на повеќе од 20 земји, вработува 6.000 лица ширум Европа и управува со портфолио инвестиции од околу 510 милиони евра. Преку своите деловни активности, ЕОС Матрикс Македонија во континуитет помага во развојот на секундарниот финансиски пазар во земјава. Компанијата нуди иновативни решенија кои овозможуваат подобрување на финансиската солвентност на македонските граѓани и компании, ја зголемуваат нивната конкурентност и позитивно влијаат на развојот на националната економија. Врвен приоритет на ЕОС Матрикс Македонија се високата заштита на податоците, подигнување на ИТ безбедноста и употреба на иновативни алатки базирани на вештачка интелигенција.

Finance Talks е платформа за размена на знаење, поврзување и инспирација за сите што се дел од дигиталниот екосистем. Преку оваа иницијатива, ЕОС Матрикс Македонија сака да иницира поширока дискусија во општеството за значајни теми и области кои треба да овозможат забрзување на технолошкиот напредок и поттикнување иновативни решенија во финансискиот сектор во нашата земја.

Печати