Бошевска на Конференцијата на WOBA: Ако сакаме да го надминеме родовиот јаз, мора да воспоставиме систем за грижа на жената
Рамноправната застапеност на жените на раководни и одлучувачки позиции веќе не е само прашање на еднаквост, туку и на ефективност и долгорочен и одржлив развој. Според истражувањата, компаниите и институциите од јавниот сектор коишто имаат разновидно раководство, не само што постигнуваат подобри резултати, иновации и одржлив раст, туку и покажуваат поголема отпорност. И покрај напредокот во последниве години, жените сѐ уште се соочуваат со сериозни пречки за влез и напредување во управувачките структури. Тоа особено важи за регионот на Западен Балкан, каде што законските рамки често постојат, но нивната примена и следењето остануваат ограничени. На овие прашања се фокусираше тркалезната маса на тема „Напредување на родовата еднаквост во лидерството и управувањето“, што вчера се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија. Настанот беше организиран од Women on Boards Adria (WOBA), со поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ), а ги собра на едно место речиси сите претставнички од најуспешните македонски компании, Владата, меѓународни институции, науката и граѓанските организации.
Директивата на ЕУ 2022/2381 за подобрување на родовиот баланс во управните одбори поставува јасни цели за зголемување на застапеноста на жените, односно, до 30 јуни 2026 година акционерските друштва треба да постигнат или 40 отсто жени меѓу неизвршните директори, или 33 отсто жени меѓу сите позиции во одборите. Од околу 90 котирани компании во земјава, во управните одбори жени се 26,6 отсто, што е раст во однос на претходните години, но овој процент треба и натаму да се унапредува.
„Постигнувањето на поголема застапеност на жените не треба да биде само обврска на котираните, туку на сите компании во земјава. Во организациите што ги претставуваме, ние во исто време можеме да бидеме и жени, и лидери, и менаџери, и тоа треба да го пренесеме и во нашето општество. Жената треба да има слобода на избор, но таа мора да има поддршка, а таа треба да дојде од општеството, да биде на државно ниво. Ако сакаме жената да биде мајка, треба да постои солиден систем за грижа на децата. Ако тој не постои, жената мора да прави дополнителни трошоци, и сето тоа ја става пред избор дали ќе биде успешна жена од бизнисот или ќе се реализира како мајка. Затоа, системот мора да биде одржлив“, нагласи д-р Катерина Бошевска, извршна директорка на ЕОС Матрикс за Македонија и Косово и WOBA амбасадор во земјава.
Таа го изнесе искуството од нејзината компанија, истакнувајќи три клучни столбови кои се применуваат, како што се јасни мерки, градење капацитети и преземање одговорност.
„Под јасни мерки се подразбираат транспарентни процедури при вработување, унапредување, и еднаков пристап до сите можности за жените. Градењето капацитети се специјални програми за лидерство и менторство кои се дизајнирани за жените кои сакаат да напредуваат во својата кариера. И, под одговорност се подразбира воспоставување на јасни индикатори за успешност и споредливост на резултатите, како и еднаквост на платите“, објасни Бошевска.
Министерката за енергетика на земјава, Сања Божиновска потенцира дека за „затворање“ на актуелниот родов јаз на земјава ќе ѝ требаат 57 години. Нејзин став е дека за трансформација е потребно повеќе од регулатива, а тоа е храброст и посветеност, и од владите, и од бизнисите, но и од секој од нас. Според евроамбасадорот Михаил Рохас, ЕУ и земјава треба заеднички да ги интензивираат напорите за усогласување со законодавството на Унијата за зајакнување на женското лидерство, а неопходна е политичка волја и родово сензитивно буџетирање. Тања Михајловска Димитриевска, главна амбасадорка на Women on Boards Adria (WOBA) за Северна Македонија, потенцира дека на земјава ѝ недостига правен механизам кој ќе направи избалансираните управни одбори да бидат правило, а не исклучок.