Генерација З и милениумци: технолошки вешти, финансиски под притисок
Хамбург, 10 ноември 2026
- 60% од лицата на возраст од 18 до 34 години ги ценат услугите со ВИ достапни 24 часа дневно, наспроти 47% од лицата на возраст од 51 до 65 години
- 36% од лицата на возраст од 18 до 34 години имале тешкотии при плаќање рата на својата банка, наспроти 30% во просек
- 14% од младите за долговите повеќе би сакале да разговараат исклучиво со ВИ. Кај лицата на возраст од 18 до 24 години овој удел расте на 17%
Генерацијата З и милениумците се поотворени кон решенија засновани на вештачка интелигенција (ВИ) во комуникацијата со банките отколку постарите групи клиенти. Истовремено, овие дигитално вешти генерации почесто од општата популација се соочуваат со финансиски предизвици. Ова е еден од клучните наоди на репрезентативната студија EOS Banking AI Barometer, која истражува како потрошувачите низ Европа ја доживуваат вештачката интелигенција во банкарскиот сектор.
Младите на возраст од 18 до 34 години покажуваат значително поголемо прифаќање на поддршката од ВИ во комуникацијата со банките отколку постарите возрасни групи. Особено ја ценат ВИ во три области: достапност 24 часа дневно (60% наспроти 47% кај лицата од 51 до 65 години), брзина (59% наспроти 48%) и следење на финансиите (41% наспроти 29%). Покрај тоа, 28% од помладите испитаници веќе користат ВИ четботови на својата банка, наспроти само 13% кај лицата од 51 до 65 години.
„Користењето на ВИ за помладите генерации е сосема природно. Истовремено, 36% од лицата на возраст од 18 до 34 години пријавуваат дека имале тешкотии при плаќањето, наспроти 30% кај целокупната популација. На оваа генерација ѝ требаат ВИ алатки што ја разбираат нејзината финансиска реалност и ја пречекуваат таму каде што се наоѓа“, вели Јана Титов, директорка на фондацијата “Финлит“, непрофитна организација посветена на финансиско образование на деца и млади.
Студијата открива и особено впечатлив став на младите луѓе кон поддршката од ВИ во работи поврзани со долгови. Испитаниците од оваа возрасна група се многу поспремни да ја користат корисничката поддршка на банката заснована на ВИ кога се соочуваат со тешкотии при плаќањето.
„Помладите луѓе многу поотворено ги прифаќаат дигиталните понуди и понудите засновани на ВИ: 14% од лицата на возраст од 18 до 34 години претпочитаат за долговите да зборуваат исклучиво со ВИ, а кај оние од 18 до 24 години овој удел расте на 17%. Истовремено, истражувањата постојано покажуваат дека недостасува основна финансиска писменост. А токму овие основни вештини се неопходни за луѓето правилно да ги проценат одговорите на ВИ и финансиските понуди. Затоа финансиското образование мора да започне рано, да биде структурно вградено и да остане независно од комерцијалните интереси“, објаснува Титов.